Киноа – малото зрно со голема содржина на протеини
Растението киноа (Chenopodium quinoa) се смета за свето и е со древно потекло (според некои извори, во Јужна Америка се користела како храна уште пред околу 10.000 години). Во цивилизацијата на Инките таа била една од трите главни култури, подеднакво важна како пченката и компирот. Со милениуми била задолжително присутна во нивното секојдневно мени.
Едногодишното растение има широки лисја кои можат да се користат за подготовка на салата. На прв поглед, неговите семиња личат на пченица или кускус, но претставуваат неспоредливо похранлива намирница од нив. Се одгледува по падините на Андите, каде што ја нарекуваат ситен ориз. Ја користат не само како храна, туку и како лек – за ублажување на болки и за побрзо зараснување на рани. Од неа произведуваат и алкохолен пијалак кој по вкусот потсетува на пиво.
Семињата на растението се богати со протеини – 16,2%. Некои сорти киноа содржат и над 20% протеини. Освен чист протеин, во овие мали зрнца се содржат сите 8 аминокиселини неопходни за нашето тело, како и јаглехидрати, масти, некои витамини, минерали, железо, калциум и магнезиум. Покрај протеините, семињата се ценет извор на скроб, шеќери, минерали, витамини и растителни влакна.
Киноата е исклучително хранлива – половина чаша киноа ја обезбедува дневната доза на протеини неопходна за децата.
Киноата е кралица на житарките, најмногу поради високата содржина на есенцијални аминокиселини, високиот протеински баланс, отсуството на глутен и е идеална за сите кои се алергични на него. Диетолозите ја почитуваат и ја препорачуваат за луѓе со проблеми со варењето, луѓе кои следат диети, спортисти, мали деца и бремени жени. Вкусот на семињата е неутрален, со лесна нијанса на орев. Од нив се подготвуваат различни јадења, а се сервираат како прилог, главно јадење и десерт.
Пред употреба, зрната треба добро да се измијат под вода. Се варат како оризот – се прелеваат со вода во сооднос 1:2 и откако водата ќе зоврие, се оставаат на тивок оган 15-20 минути. При варењето киноата го зголемува својот волумен 4 пати, при што во средината зрното станува проѕирно, а околу него се создава мал прстен.
Сите рецепти со ориз, кускус или булгур можат да се подготват и со киноа. Се користи наместо тестенини, од неа се пече леб и се подготвуваат разновидни јадења. Освен тоа, може да се додава и во супи наместо ориз или фиде.
Некои велат дека за да се навикнете на нова храна, треба да ја пробате околу 5-10 пати. Киноата можеби ќе ви се допадне уште по втората порција. Особено ако се има предвид колку корисни материи содржи. Можете да ја додавате во зеленчукова салата или да ја јадете зачинета со соја сос, балсамико оцет и лук.
Варијанта на белата киноа е повеќебојната /црната киноа/. За нејзина подготовка е потребно малку повеќе време. Варењето одзема околу 25-30 минути, додека за подготовка на белата киноа се потребни 15-20 минути. Повеќебојната киноа е и попосакувана за додавање во салати.